За мене

Јас сум Наташа. Вљубеник во добра храна и добра фотографија. И страствен љубител на патувања! На книги! На добар филм! На убави музики! На животот!

Готвам од 12-годишна возраст. Природата на мојата работа е поврзана со многу патувања па така во секое ново место што ќе го посетев, скитав наоколу барајќи мали ресторанчиња каде што пробував од домашните специјалитети. Дружењето на една кулинарска страница, ме натера подлабоко да навлезам во тајните на фотографијата. Јас сум еден најпочетник – аматер кој што нема поим за теорија на фотографија, но имам око за детали. Не сакам фотошопирани фотографии и затоа овде нема да најдете такви. Сакам фотографијата да биде колку што може поблиску до изворниот облик, со минимални корекции во смисла на кадрирање, светло и контраст. Сите други корекции на фотографијата за мене се бласфемија. Обожавам да фотографирам храна. Професионалните фотографи велат дека е тоа една од потешките форми, но мене ми е предизвик. Ја сакам макро фотографијата заради деталите. Професионална деформација, не ми замерувајте. 🙂

Со гастро блогирање се занимавам скоро 10 години. Стариот блог е деактивиран пред повеќе од три години и истиот имаше потполно поинаква концепција и цел од овој. Ре-блогов го направив за да им го оставам на своите деца, да имаат дел од она што е мајка им. А, покрај нив, да им овозможам и на другите читатели на ова скромно парче себе, да пробаат можеби нешто ново или да се потсетат на нешто што ги враќа во детството. Го нареков „Турлитава„ затоа што овде ќе најдете фузија од рецепти, нови, стари, традицонални македонски рецепти, но и рецепти од други поднебја. Ги сакам различностите затоа што ми го збогатуваат животот. Се надевам дека овој блог, можеби ќе го збогати и вашиот.